(ВИДЕО) МАКЕДОНСКА ГОРДОСТ ВО ФРАНЦИЈА: Танец го освои Париз од каде се враќа со Гран при од светски натпревар

Македонскиот ансамбл Танец е апсолутен победник во Париз од каде што се враќа со освоена Гран при награда..

Македонските играорци на Меѓународниот фестивал на уметностите Les Etoiles De Paris настапија во конкуренција на 350 учесници, а оркестарот на ансамблот Танец под водство на Дарко Илиевски ја освои апсолутната награда на целиот натпревар. Настапот на оркестарот бил проследен со аплаузи на отворена сцена и беше испратен со овации.

Ансамблот Танец претставува симбол на македонскиот фолклор, традиција и култура веќе шест децении, културен амбасадор кој несебично ја презентира и споделува богатата македонска традиција во земјата и во светот.

Веќе шест децении Танец со своите уникатни носии со кои настапува претставува вистински подвижен историски музеј на македонското материјално и нематеријално културно наследство. Наследство, кое како и народниот вез е длабоко врежано во потсвеста на секој македонец.

Националната установа за народни игри и песни ансамбл Танец е формиран во мај 1949 година со указ од тогашната влада на Македонија. Целта на формирањето на ансамблот претставувала насушна потреба за формирање на институција од овој вид која го одржува, негува, чува и збогатува македонскиот фолкор.

Танец има учествувано на над 4.500 концерти и подиуми во земјата и во светот пред околу 8 милиони гледачи.

Репертоарот на Танец го сочинуваат најубавите игри, песни и оркестарски дела како што се: Невестинското, Тешкото, Комитско, Чифте Чамче, Осоговка и многу други бисери на македонскот народно творештво.



Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top