(ВИДЕО) Пендаровски од Штип: На изборите нудиме концепт кој не носи кон развиениот свет

Држава во која сите се еднакво рамноправни, тоа е најголемото богатсво ..

На претседателските избори се работи за два концепта, од кои едниот ја носи земјава во рзвиениот свет и е гарант дека тоа така ќе биде за век и веков, а другиот ќе биде во темното минато, во мрачниот долг транзиционен тунел, порача на вечерашниот митинг во Штип, кандидатот за претседател поддржан од СДСМ и коалицијата, Стево Пендаровски. Тој забележа дека граѓаните на овие избори не смеат да го отфрлат концептот во кој сите граѓани се рамноправни без разлика на етничката или верската припадност.

-Нема друга алтернатива освен НАТО и ЕУ, за жал во земјава има политичка опозиција која е закопана во 19 век. Нивниот анахрон националистички концепт вели се што оваа Влада има добро направено во изминатите две години се ќе поништиме се наново ќе фатиме. Само што не кажуваат на каков начин ќе го направат тоа и уште полошо, уште колку години ќе им требаат да го решат, да го направат договорот со Бугарија и повторно со Грција и да го поништат рамковниот договор. Ако таа опција добие мнозинство да знаете нема да видеме Е од Европа ни Н од НАТО. Веднаш ќе бидеме блокирани и ставени во замрзнувач. Ние ќе бидеме тргнати на страна нема воопшто да зборуваат за нас, вели Пендаровски.

Претседателот на СДСМ, Зоран Заев на вечерашниов митинг забележа дека Штип има безброј мостови кои ги спојуваат двете страни на реката Отиња, а токму такви мостови како Влада успеале да направат во изминатите две години со соседите, и тоа со потпишувањето на добосодскиот договор со Бугарија и Преспанскиот договор со Грција. Токму тие договори и нашиот однос кон соседите не носат во НАТО и ЕУ, забележа Заев. Тој посебен акцент даде и во делот на економијата. Смета дека бројките покажуваат оти земјава оди кон вистинскиот пат. Порача во наредните десет месеци да се следат овие бројки, а особено растот на просечната и минималната плата. Заев рече, ако треба и железни опинци ќе облече, но минималната плата ќе достигне до 16.000 денари, а просечната ќе се искачи на 30.000 денари.

-Јас и Стево Пендаровски имаме иста желба да ја видеме татковината со обединети граѓани, здружени сплотени, заедно сите, да ги видиме еден убав ден дека нашите деца нема да ги интересира политика, како што денеска ги интересира сите, па дури и најмалите деца. Нема да знаат нашите граѓани, кои се министри, кои се пратеници, кој е премиер или функционер, туку ќе се фокусираат само на најсуштинските и најважните работи, коишто им го прават животот убав за живеење. Тоа е нашата цел, тоа е и целта на сите нас, рече Заев.

Лидерот на СДСМ се осврна и на новите закони кои се носат во делот на социјалната политика, а кои ќе обезбедат сигурна социјална пензија, за оние граѓани кои плаќале даноци, а немаат работен стаж, како и за зголемуавњето на бројот на деца кои ќе примаат детски и образовен додаток. Смета дека граѓаните имаат лесен избор на овие избори, бидејќи како што рече нашиот народ знае, кој е најдобриот пат, а тоа е со Стево Пендаровски кон ЕУ и НАТО. 

Ако не го направиме вистинскиот избор нема кој, рече Пендаровски. Преспанскиот договор ги дава резултатите, тој е договор за пријателство, а договорот кука гради порача Заев во Штип.



Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top