ВМРО-ДПМНЕ: Заев не сака да се дознае вистината за убиствата кај Смилковско езеро

Само човек без грам сочувство може да си поигрува со трагедиите на семејствата кои ги загубија своите најблиски кај Смилковското езеро.

Само човек без грам сочувство може да си поигрува со трагедиите на семејствата кои ги загубија своите најблиски кај Смилковското езеро, стои во денешното соопштение на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

„Заев молчи и ја крие вистината за свирепото убиство кај Смилковско езеро, иако ја убедуваше јавноста и родителите дека знае кои се убијците. Заев и криминалниот картел кој го води, ја злоупотребија оваа несреќа за добивање политички поени. Додека на родителите им велеше дека постои поврзаност помеѓу убијците кои беа осудени и високи функционери на ДУИ, со Тиранската платформа се обврза дека ќе ги ослободи убијците од затвор. Заев тоа и го стори. Неполни шест месеци по преземањето на власт, случајот се врати во повторно судење, а убијците ослободени од затвор, без мерка притвор, беа пуштени од слобода да се бранат“, се наведува во партиското соопштение.

Од ВМРО-ДПМНЕ наведуваат дека криминалниот ум на Заев отишол и чекор понатаму, па откако посочил на поврзаноста на Невзет Бејта, со Фејзи Азири, сега вели дека Бејта и Азири разговарале за земјоделски субвенции од ни помалку ни повеќе, туку 450 евра.

„Заев и криминалниот картел кој го води, ја потценуваат интелигенцијата на народот, па мислат дека поминуваат лагите за полицајци кои сами се удираат од пајак возило или дека веќе осуден убиец, на денот кога го извршил убиството разговарал со потпретседател на партија за стотина евра земјоделски субвенции“, стои во соопштението.

Од опозициската партија велат дека според нив премиерот не сака да се дознае вистината.

„Заев се става во заштита на убијци и си поигрува со трагичната судбина на родителите на убиените. Во Република Македонија под власт на криминалниот клан на Заев веќе осудени убијци се пуштаат на слобода, десетина лекари, актери, режисери, архитекти и видни општествени дејци неосновано се влечат по притвори и судови, само затоа што се политички неистомисленици на Зоран Заев“, додаваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Оттаму сметаат дека правосудниот систем мора да се ослободи од стегите на криминалниот картел, со цел граѓаните да живеат во правна држава, каде законите ќе важат, а институциите ќе се почитуваат и нема да се злоупотребуваат.

Макфакс


Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top