Во САД рекорден број случаи на новозаразени: Bо еден ден 54.000 случаи

Во Соединетите Американски Држави се забележани рекордни 54.000 случаи на зараза со новиот коронавирус во еден ден, според официјалните податоци на американскиот Центар за контрола на болестите (CDC) објавени денес за вчера..

Просечниот дневен број на нови случаи на зараза оваа недела во САД беше поголем од 40.000, повеќе отколку во деновите со најмногу новозаразени во април и мај.

Ширењето на ковид-19 не покажува знаци на успорување. Флорида, едно од главните нови жаришта на епидемијата, јави нови 9.500 заразени во еден ден, според податоците на локалните здравствени власти за денес, со што релиси се изедначи досега забележаниот најголем број случаи во еден ден во таа сојузна држава.

Бројот на новозаразените расте и во јужните и југозападните држави, каде Калифорнија, Тексас, Аризона, Џорџија и Северна Каролина бележат значителен раст на бројот на заболените. Како што расте бројот на новозаболените, расте и загриженоста дека некои делови од САД премногу и пребрзо се отвориле.

Потпретседателот на САД Мајк Пенс неделава ја посети Аризона, а денес требаше да се сретне и со гувернерот на Флорида Рон де Сантис, кој најави дека нема во поголема мера да ги прекинува економските активности, иако воведе ограничувања за работата на баровите и рестораните.

Претседателот Доналд Трамп продолжува да кажува дека сојузната влада им помага на локалните власти во зауздувањето на ширењето на заразата и ги отфрла грижите дека новото ширење на коронавирусот би можело да го сопре економското заздравување од рецесијата.

Податоците за ширењето на епидемијата доаѓаат пред викендот во кој на 4 јули се одбележува американскиот Ден на независноста и обично има големи собири.


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top