Заев и Ципрас ќе разговараат во Давос

По новата рунда разговори за името меѓу Македонија и Грција, со посредство на медијаторот Метју Нимиц, во среда во Давос, Швајцарија, ќе се одржи првата директна средба меѓу двајцата премиери, Зоран Заев и Алексис Ципрас..

На средбата ќе се разговара за имињата ставени на маса за решение на спорот, како и текот на работите што треба да ги направат работните групи, предводени од министрите за надворешни работи.

Имињата кои се споменуваат во грчките и во домашните медиуми се Горна Македонија, Нова Македонија, Северна Македонија, Вардарска Македонија, Република Македонија во заграда Скопје, но сите да се читаат на македонски, а напишани на латиница.

Сепак, сите овие не се официјално објавени од двете страни. Сепак, името, неговата употреба, вклучително и неговото пишување и признавање, ако тоа биде ерга омнес, или различно за меѓународна, билатерална и национална употреба, останува повторно да се дискутира.

По песимизмот на преговарачот Васко Наумовски, дека предлозите се далеку од достоинствено решение, денеска премиерот Заев истакна дека прашањето ќе се реши и ставот на Наумовски го нарече личен. Од друга страна, Заев објасни за првпат експлицитно дека за какво било решение за името, ќе има референдум.

Како што соопшти и вицепремиерот Бујар Османи вчера, владата на Македонија најави за во понеделник состанок, каде ќе се разгледува преговарачката рамка и градење на заеднички став за предлозите. Во Грција пак, почнаа да се активираат протестите.

Во Солун утре ќе се бара Ципрас да се откаже од било каков обид за решавање на спорот кој ќе го содржи името „Македонија“. На мета на обвинувањата е грчкиот премиер, кој наместо да работи политички со политичките актери и парламентот, проблемот со името го споделил со архиепископот.



Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top