Заев побара брзи избори - Мицкоски не прифаќа без почитување на Пржинските услови

Брзи предвремени парламентарни избори. Ова е одлуката на премиерот Заев по епилогот од Брисел, каде што Македонија не успеа да добие датум за почеток на преговори со Европската Унија..

Оваа опција Заев утре ќе им ја предложи на лидерите на политичките партии, кои ќе се состанат во претседателската вила во Водно. Кога ќе бидат организирани изборите, ќе зависи од договорот кој ќе биде постигнат меѓу водечките партии.

Шефот на македонската влада посочи дека на ваква одлука го натерала сериозноста од актуелниот миг, кој бара став од самите граѓани.

Ни беше нанесена голема неправда, рече Заев, осврнувајќи се на одлуката на Европскиот совет. Македонија е жртва на историска грешка, дециден e претседателот на Владата.

“ЕУ не го испорача тоа што го вети...разочаран сум и лут...”, рече Заев.

По фијаското во Брисел, Заев призна дека размислувал за оставка. Една проспиена ноќ и разговорите со европските лидери го премислиле во таа одлука.

„Го почувствував гневот и разочараноста на граѓаните. Ме водеа секакви размислувања. Разговарав со пријатели, партиските и владини соработници, како и со дел од европските лидери. Оставив денот да помине, да преспијам, потенцираше Заев.

И покрај францускиот став, Заев вели дека земјата е наш пријател. Како државен врв посочи дека имале најава за блокада од француска страна и четири месеци барале средба со претседателот Макрон, но средба не била договорена.

И покрај епилогот од Брисел, но и колебливиот став на Макрон за натамошно ЕУ  проширување, премиерот Заев со став - Македонија нема план Б. Како што рече, европскиот сон на земјава нема да биде урнат, а тој лично и понатаму ќе се бори за европската иднина, преку работа на домашните реформи.


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top