Заев: Северна Македонија не бара членство веднаш, но бара почеток на преговори со ЕУ

Северна Македонија не бара веднаш да стане членка на Европската унија, но сака по сите вложени напори да и се овозможи отворање на претпристапните преговори, порача премиерот Зоран Заев во своето обраќање на последниот ден од тридневниот Форум Европа..

„Ние понекогаш повеќе веруваме во Европа отколку некои земји членки на Унијата, веројатно. Сонуваме да ги достигнеме европските вредности затоа што тоа е смислата на животот. И ќе продолжиме по таа патека. Имаме многу да им дадеме на земјите од ЕУ“, рече премиерот Заев.

Францускиот амбасадор на Франција во Македонија Кристијан Тимоние пак вели дека не може точно да каже кога Македонија ќе добие датум за преговори. Тој пред почетокот на отворањето на меѓународната конференција „Од партнерство до членство: Северна Македонија и француско-германската перспектива“ рече дека пред земјава претстои суштинска работа за да се подготви да ги води преговорите за влез во Унијата.

А грчкиот весник „Катимерини“ објави текст со наслов „Датум за преговори со Северна Македонија во септември, за Албанија не“. Повикувајќи се на дипломатски извори „Катимерини“ меѓу другото пишува дека Северна Македонија веројатно кон крајот на годинава ќе добие поддршка од Европската Унија за почеток на преговорите за членство, додека во случајот на Албанија на таквата одлука се противат Франција, Германија и Холандија.

„Северна Македонија има добри шанси за почеток на преговори за членство во Европската Унија, имајќи го предвид постигнувањето на историскиот договор со Грција околу името на државата. Албанија и понатаму е огромно прашање за некои влади на земји-членки и воопшто не изгледа ветувачки“, цитира дипломатски извори „Катимерини“.

Заменик претседателот на „Европско движење“, Мухамед Халили вели дека целата ситуација е резултат на различните концепти на Франција и Германија во врска со проширувањето на Европската унија. Првиот, вели тој е францускиот кој е потежок и кој се залага за тесна соработка на земјите од западен Балкан во стопанството, финансиите, одбраната и внатрешните работи и вториот, полесниот, е германскиот кој се повикува а проширување на Унијата.

Еврокомесарот за проширување, Јоханес Хан од Австрија порача дека заедницата на Европа е можна само со прием на сите земји од Западен Балкан затоа што во него живеат околу 18 милиони луѓе и дека регионот е соочен со многу предизвици пред себе.


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top